Од 2023 година, во Калифорнија ќе биде забрането производство и продажба на предмети од животинско крзно
Законот забранува продажба и производство на облека, чевли и чанти од животинско крзно, со што Калифорнија е првата американска држава која воведува таква забрана, пренесува Би-Би-Си.
Исклучок се половни производи од крзно, кожа од крави и елен, овци и кози, како и препарирани животни. Казната за прекршување на законот би била 500 долари, а во случај на повторен прекршок 1.000 долари.
Законот предвидува и забрана за учество на повеќето животни во циркуси. Со законот се исклучува учеството на животните во родеа, а тоа не се однесува на домашните кучиња, мачки и коњи во циркуси, објави АП.
„Калифорнија е лидер кога станува збор за благосостојба на животните, а од денес, тоа вклучува и забрана за продажба на крзно“, се вели во соопштението на Гевин Њусом, гувернер на Калифорнија.
Групите за заштита на животните, кои иницираа забрана за производство и продажба на производи од крзно, ја поздравија одлуката на гувернерот.
Американската група “Хумано општество“ ги пофалија гувернерот и пратениците на Калифорнија затоа што сфатиле дека жителите на таа држава не сакаат нејзиниот пазар да придонесе за побарувачката на производи од крзно.
„Индустријата за крзно предизвикува страдање и смрт на повеќе од 100 милиони животни ширум светот секоја година, а животните на фарми се принудени да живеат во кафези, лишени од можноста за нормален живот пред да бидат сурово убиени со гас или струја“, рече претседателот на групата Кити Блок.
Одлуката беше критикувана од портпаролот на Советот за информации за крзно, Кит Каплан, велејќи дека тоа е дел од „радикалната веганска агенда“ во која забраната за крзно е прв чекор за други одлуки „за тоа што да носиме или да јадеме“.
Минатиот мај, модната куќа Прада објави дека ќе престане да употребува крзно од почетокот на сезоната пролет-лето 2020 година, додека познатиот продажен центар во центарот на Лондон, „Селфриџис“ најави дека ќе забрани продажба на егзотична животинска кожа од февруари следната година.