Во саботата, 2 ноември, на Меѓународната вселенска станица е испратена пратка која се разликува од вообичаените, а се работи за десетина шишиња француско вино спакувано во метални канистри. Виното пристигнало на станицата на 4 ноември и ќе остане на таа локација уште една година, по што ќе се врати неотворено на Земјата.
Виното е испратено во вселенската станица од научни причини, не за да биде испиено, па научниците планираат да ги испитаат ефектите од космичката радијација и бестежинската состојба врз процесот на созревање на виното.
Зад проектот стои стартапот Space Cargo Unlimited од Луксембург, а експертите од компанијата се надеваат на нови видови вино што ќе произлезат од она што ќе се дознае за време на „вселенскиот експеримент“.
На станицата е испратено вино од Bordeaux, кое по враќањето на Земјата, ќе се спореди со Bordeaux вината кои созревале на Земјата, па останува да се види колку ќе бидат различни и дали „вселенското вино“ ќе стане еден од новите омилени брендови.
Извор: Њујорк Пост