Маркетинг365: Кои програми и теми за едукација, од областа на маркетингот и односите со јавност ги понуди Вашата компанија во 2019 година ?
Дарјан Раденковиќ: Brainster во 2019 понуди 3 типа на едукативни програми за маркетинг.
Најдолгата и најтемелната програма е Академијата за дигитален маркетинг која ги подготвува студентите да започнат кариера во маркетинг. Трае 6 месеци и ги опфаќа најважните и најбараните маркетинг вештини на денешнината.
Втор тип на програми се курсевите кои траат меѓу 5 и 10 дена и кои опфаќаат една конкретна маркетинг вештина – Курс за Facebook и Instagram рекламирање, Курс за SEO, Курс за Google Ads и сл.
Третиот тип се Pop-Up курсевите, односно еднодневни работилници на кои посетителите можат да добијат основна претстава за индустријата или за еден нејзин сегмент, како Вовед во дигитален маркетинг, E-mail маркетинг, Visual Storytelling for Social Media и сл.
Веќе во 2020 година започнуваме со 2 нови продукти – едниот е иновативен концепт наменет за компании, додека другиот ќе биде наменет за искусните професионалци од индустријата.
Маркетинг365: Каков е feedback-от од студентите. За што се тие најзаинтересирани да слушаат и научат кај Вас?
Дарјан Раденковиќ: За сите наши програми има одличен интерес, курсевите редовно се полнат и се бара место повеќе. Сепак, може да се каже дека најголем е интересот за Академијата за дигитален маркетинг, за која во 2019 се пријавија преку 500 заинтересирани студенти. Од нив избравме 150 учесници во 8 групи, 4 во март и 4 во октомври. Сите овие млади луѓе решија да се посветат на кариера во маркетинг и засега одлично ни оди процесот на нивно поврзување со компаниите и најголемиот број од оние кои се посветија темелно да започнат кариера во маркетинг, успеаа во тоа.
Маркетинг365: Дали планирате да воведете некакви новитети во однос на маркетинг/ПР-related програмата што ќе ја нудите во 2020 година?
Дарјан Раденковиќ: Нашата програма се менува на годишно ниво за 5 до 10%, затоа што и дигиталниот маркетинг се менува со голема динамика. Наша предност е флексибилноста на програмите и можноста да ги воведеме најважните трендови во маркетингот во реално во нашата програма и да им овозможиме на нашите студенти да бидат мошне конкурентни на пазарот. Друг новитет оваа година беше воведувањето на Learning Partner програмата, која им овозможи на компаниите, организациите и институциите да понудат реални проекти на кои нашите студенти ќе работат во текот на Академијата и ќе стекнат значјно практично искуство кое ќе им помогне при вработувањето. Компаниите со ова добиваат свежи идеи, кампањи и проекти кои можат веднаш да ги имплементираат, а секако и да ги регрутираат оние студенти кои најдобро ќе се снајдат со нивниот проект. До сега работевме со МКЦ, Лице в лице, Црвен Крст, Доминос, Електроелемент, Алтер Сцена, ПИНА, GIZ, Папилон и многу други.
Маркетинг365: Што според Вас недостига во Македонија, а е поврзано со подобра подготовка на кадар кој успешно би се вклучил во комуникациската индустрија?
Дарјан Раденковиќ: На луѓето кои кај нас доаѓаат од формалното образование, од програмите поврзани со маркетинг најмногу им фали практично искуство и познавање на новите трендови бидејќи поголемиот дел од образованието го поминале во учење дефиниции и теоретски концепти без да се соочат ниту со практична работа, ниту да се запознаат со алатките без кои денес не може да се замисли маркетингот.
Од друга страна, се сраќаваме и со студенти кои се самоуки или биле „фрлени“ во маркетинг активности без претходна подготовка. Тие се добро запознаени со новите алатки и трендови, но им фали потемелна стратешка подготовка и акцент на аналитиката.
Нашата програма на Академијата за дигитален маркетинг се обидува да постави идеална комбинација помеѓу стратегијата и практичната работа со алатките, при тоа инсистирајќи на аналитиката како основа на евалуација на ефикасноста на наученото и сработеното. Сето тоа добива тежина преку работа на реални кампањи за реални компании, што на кандидатите покрај практични вештини им дава голема мотивација за надоградба и самодоверба да се впуштат во посериозни проекти.