Откако јужнокорејскиот филм Паразит, кој овај месец триумфираше на Церемонијата на доделувањето на оскарите и освои неколку златни статуетки, ги прикажа логото и кутиите од пицеријата за која работат главните ликови на почетокот на филмот, оттогаш продажбата во оваа пицерија, која навистина постои, е зголемена за 50%
Се работи за пицеријата „Sky Pizza“ во која туристите сега се` почесто доаѓаат и се сликаат со “кутиите за пица“, а кои им се особено интересни, бидејќи на почетокот на филмот членовите на семејството Ким заработувале пари со склопување на кутии за пица.
Еом Хангил, сопственичка на пицеријата, која била интервјуирана околу 30 пати за два дена, за ABC News изјави дека бизнисот „цвета како луд“.
Патем, оваа пицерија воопшто не била многу популарна претходно, што е исто така симболично, затоа што можеби режисерот Бон Џун-Хо ја избра како одговор на монополистичкиот капитал.
„Дојдов да ја пробам пицата, но и да ја почувствувам атмосферата на филмот. Сепак, морам да чекам со часови затоа што местото е толку посетено што им снемува тесто од пица“, вели еден турист.
Популарноста не го заобиколи ниту супермаркетот “Pig Rice” пред којшто синот од семејството Ким пие пијалок со својот другар и смислува начин како да “упадне“ во куќата на фамилијата Парк.
По филмот, завладеа опоседнатост и за таканаречениот оброк рамдон, а станува збор за нудли кои што мајката од фамилијата Ким ги подготвува за семејството Парк. Интересно е што домаќинките масовно започнаа да го подготвуваат ова јадење дома, а нивните рецепти и фотографии станаа вирални на социјалните мрежи.
Во компанијата “Нонгшим“,која произведува два вида на нудли, велат дека поради филмот продажбата им се зголемила за 60% и тоа во период од неколку недели пред и после доделувањето на Оскарите.
Филмот „Паразит“ го следи животот на двете семејства, едното на работ на егзистенција – Ким, а другото кое го бере целиот општествен „кајмак“ – Парк.
Низ сплет на интересни околности, семејството Ким, составено од мајка, тато, син и ќерка, добиваат работа во богатото семејство Парк, а потоа почнува заплетот.