Грчкото министерство за туризам се подготвува за нова туристичка сезона во услови на пандемија. Со таа цел, пред неколку дена беше донесен специјален протокол за здравствена безбедност во грчките угостителски објекти, а со него и ново лого кое ќе стои на влезовите во хотелите кои ќе ги имплементираат предвидените здравствени мерки.
Логото претставува шематиризан портрет во профил на античкиот грчки лекар Хипократ, популарно нарекуван уште и „Татко на медицината“, придружен од текстот: „Здравјето на прво место“ и „Безбедни уште од 460 г. п.н.е.“.
Логото наиде на мешани реакции во грчката јавност. Од една страна, наиде на пофалби, бидејќи покрај укажувањето за имплементираните здравствени мерки, логото истовремено алудира и на богатото културно наследство на Грција поради кое државата ја посетуваат милиони туристи годишно.
Од друга страна пак, текстот „Безбедни уште од 460 г. п.н.е.“ беше критикуван поради својата историска невистиност, имајќи во предвид дека токму во времето на Хипократ, во 430 г.п.н.е., градот Атина ја доживува една од најлошите епидемии во својата историја.