Самото отворање музеј нема да значи многу доколку не дојде до заживување на туризмот на светско ниво, затоа што без туристи, музеите се практично неодржливи
Во повеќето земји во светот, музеите полека почнуваат да се отвораат, откако започна олеснувањето на рестриктивните мерки поради пандемијата на коронавирусот, но експертите предупредуваат дека долгорочното затварање остави последици и дека, на глобално ниво, секој осми музеј ќе остане трајно затворен.
Студијата подготвена од УНЕСКО и Меѓународниот совет на музеи покажува дека 90 проценти од музеите во светот, односно околу 85.000 од овие институции, морале да бидат затворени поради пандемијата.
Овој податок е алармантен, изјави за АП, помошникот генерален директор на Унеско за култура, Ернесто Отон, додавајќи дека пандемијата подеднакво влијаела како на големите, така и на малите музеи, без оглед на тоа од која област се нивните експонати.
„На помалите музеи кои се затворени со месеци и во тој период немаа никакви приходи им се заканува трајно затворање, бидејќи сега тие немаат средства неопходни за исполнување на новите стандарди за одржување на физичка оддалеченост на посетителите и сите други барања од епидемиолозите“, вели Отон.
Во студијата на УНЕСКО и ИКОМ се наведува дека речиси 13 проценти од музеите во светот повеќе нема да бидат отворени, при што во многу поголем ризик се оние од сиромашните земји, но ситуацијата не е сјајна ниту во богатите земји.
Организацијата на европски музеи наведува дека големите музеи во туристичките метрополи како Париз, Амстердам или Виена изгубиле до 80% од своите приходи за време на пандемијата, што се мери во стотици илјади евра на неделно ниво.
Отон наведе дека ситуацијата е особено тешка во Латинска Америка, каде што сега се затворени 99,4% од музеите.
„За прв пат во историјата, речиси сите музеи на еден континент се затворени и ќе биде тешко за многу од нив да се опорават од кризата“, рече Отон.
Тој предупредува дека самото отворање музеј нема да значи многу, доколку не дојде до заживување на светскиот туризам, затоа што без туристи, музеите се практично неодржливи.