По скоро еден месец од вооружениот пограничен судир помеѓу Индија и Кина, индиската влада забрани 59 кинески мобилни апликации, меѓу кои и популарната социјална мрежа TikTok.
„Врз основа на достапните инфромации, тие се занимаваат со активности кои што се штетни за суверенитетот и интегритетот на Индија, одбраната на Индија, безбедноста на државниот и јавниот ред“, се вели во соопштението на Министерството за електроника и информациски технологии на Индија.
Од министерството додадоа дека добиле голем број на поплаки во однос на повеќе мобилни апликации обвинети за „крадење и тајно пренесување на корисницички податоци на неовластен начин до сервери лоцирани надвор од Индија“.
Најпогодена апликација од оваа одлука на индиската влада секако ќе биде социјалната мрежа TikTok, една од најбрзорастечките во светот, која во Индија има околу 200 милиони регистрирани корисници, од кои 120 милиони се активни на месечно ниво.