Министерот за комуникации и мултимедија на Малезија, Сајфудин Абдула, повикувајќи се на Законот за Националната корпорација за филмска дејност од 1981 година, изјавил дека сите продуценти на видео содржини треба да имаат лиценца за да снимаат и продуцираат филмови во државата, вклучувајќи ги материјалите наменети за емитување на традиционалните канали, но и на социјалните мрежи, пренесува The Drum.
„Никој не може да учествува во било каква филмска продукција, дистрибуција или емитување, или комбинација на овие активност, освен ако на личноста не му е издадена лиценца за тоа,“ посочил минситерот Абдула во неговиот говор пред малезискиот парламент.
Законот го дефинира зборот „филм“ како снимки на кој било материјал, вклучувајќи долгометражни и краткометражни филмови, документарци, трејлери и рекламни спотови, наменети за јавноста. Според тоа, и корисниците на социјалните мрежи Instagram и TikTok можат да бидат подложни на овие правила и ќе треба да извадат лиценца доколку сакаат да продолжат да снимаат и да објавуваат видеа.
Опозициските пратеници во парламентот го нападнаа говорот на министерот – токму поради корисниците на социјалните мрежи, истакнувајќи дека во ваков случај властите ќе треба да превземат активности против нив.
Министерот потоа појасни дека социјалните мрежи не постоеле кога Законот бил донесен во 1981 година и дека е потребна негова измена. Тој додаде дека министерството е отворено за секакви предлози и сугестии со цел усогласување на Законот со условите на современиот свет.