Технолошкиот гигант Фејсбук активно работи на својот нов производ Instagram Reels, кој треба да му биде конкурентен на TikTok на пазарот на социјални платформи за кратки видеа. Се работи за нова опција во рамки на Instagram Stories, која на корисниците ќе им овозможува да снимаат, уредуваат и споделуваат кратки видеа, слично на TikTok.
Најзначајната разлика помеѓу платформите е тоа што видеата на Reels ќе бидат ограничени на 15 секунди, во споредба со ограничувањето од 60 секунди на TikTok.
Платформата Reels е веќе во фаза на тестирање во неколку држави – Индија, Германија, Франција и Бразил, а во САД се очекува да биде лансирана во текот на август.
Во вторникот, американскиот веснит Вол Стрит Журнал напиша сторија според која Инстаграм директно им нудел пари на популарни креатори на содржини на TikTok за да се префрлат на Reels.
Обидите на Инстаграм т.е. Фејсбук за создавање на конкурентен производ беа остро нападната од страна на генералниот извршен директор на TikTok, Кевин Мејер, кој се огласи веќе следниот ден со блог пост.
„Ние во TikTok ја поздравуваме конкуренцијата. Сметаме дека фер конкуренцијата нé прави сите нас подобри. На оние кои сакаат да лансираат конкурентни производи, ние им викаме „ајде“. Фејсубук дури лансира уште еден копиран производ, Reels, откако нивиот друг копиран производ Lasso брзо доживеа неуспех. Но, ајде да ја фокусираме нашата енергија на фер и отворена конкуренција во служба на нашите клиенти, наместо на малигни напади од страна на нашиот конкурент – имено Фејсбук – маскирани како патриотизам и дизајнирани да стават крај на нашето присуство во САД,“ напиша Мејер.
Одговор од Фејсбук на критиките на TikTok засега нема.
TikTok се соочува со голема опасност за забрана во САД, откако кинеската апликација беше обвинета за неовластено собирање на кориснички податоци, па дури и шпионажа.
Од друга страна, генералниот извршен директор на Фејсбук, Марк Зукерберг, вчера беше дел од поголемо сослушување пред американскиот конгрес поради обвиненија насочени кон четирите најголеми американски технолошки компании, вклучувајќи го и Фејсбук, за нелојална конкуренција.