Генералните извршни директори на четирите најголеми технолошки компании во САД, а веројатно и во светот – Џеф Безос од Амазон, Марк Зукерберг од Фејсбук, Тим Кук од Епл и Сундар Пичаи од Гугл, денес, во 18 часот по македонско време, ќе сведочат пред американскиот Конгрес со цел да ги одбранат своите компании од поригорозна државна регулатива.
Компаниите се под обвинение за нелојална конкуренција, спречувајќи го развојот на своите ривали и со тоа наштетувајќи им на потрошувачите. Обвинението е резултат на повеќе од година долго истражување на неколку државни комисии кои собрале околу 1.3 милиони документи и стотици часови интервјуа за да ги поткрепат своите сомневања.
Весникот Њујорк Тајмс го нарече сослушувањето „бизарен спектакл“, во кој генералните директори на четирите компаниите кои заедно „тежат“ дури 4.85 трилиони долари треба да тврдат дека нивните компании „и не се толку моќни“.
Помалку иронично, поради мерките поврзани со пандемијата на корона вирусот, директорите ќе сведочат онлајн преку видео-конференциски повик.
Ова е најголемиот обид за регулација на технолошките компании по случајот против Microsoft во 2001 година, кога гигантот беше обвинет за илегално одржување на монопол во пазарот на персонални компјутери.
Некои аналитичари одат дотаму што сослушувањето го споредуваат и со сослушувањата на тутунската индустрија во 1994 година, кога директорите на седумте најголеми тутунски компании во САД се соочија со американските конгресмени во обид да ја одбранат својата позиција дека цигарите не предизвикуваат зависност.