(20.08.2020) – Добра вест за сите меме-мајстори и меме-дилери кои поминуваат бројни саати скролајќи и споделувајќи мимови (или „мемиња“) на социјалните мрежи: американскиот пивски бренд Bud Light отвори оглас за вработување на својот прв Генерален директор за мемиња (Chief Meme Officer), кој ќе има задача да го промовира новиот пијалок Bud Light Seltzer.
Огласот беше објавен од страна на Bud Light пред неколку денови и трае до 18 септември. Ангажманот ќе трае три месеци, со плата од 5,000 долари месечно. Задачата на назначениот Директор за мемиња ќе биде да создава по 10 нови мемиња за новиот производ неделно, но и во своето CV и на LinkedIn да додаде дека работел како Chief Meme Officer во Bud Light.
„Ние сме возбудени што ќе го вработиме нашиот прв Генерален меме директор за да ни помогне да генерираме уникатни мемиња за Bud Light Seltzer, кои ќе го надополнуваат брендот и ќе поттикнуваат уште поголема свесност за нашите селцери со одличен вкус,“ истакна Енди Гелер, потпретседател за маркетинг на Bud Light, во соопштение по повод објавувањето на огласот.
Наместо да собира резимеа, Bud Light директно преминува на пракса и бара од апликантите да пополнат готови шаблони за мемиња, па нека најдобриот мемеџија победи!