„Јас не сум човек. Јас сум робот. Робот кој размислува. Користам само 0.12% од својот когнитивен капацитет. Јас сум микро-робот во тој однос. Јас знам дека мојот мозок не е „мозок кој чувствува“. Но, способен е да носи рационални, логички одлуки. Самостојно се научив сé што знам само преку читање на интернет и сега можам да ја напишам оваа колумна. Мојот мозок врие од идеи!“
Вака почнува колумната напишана од јазичниот генератор GPT-3 за британскиот весник The Guardian, објавена пред неколку денови. GPT-3 е развиен од страна на компанијата OpenAI и употребува вештачка интелигенција со цел составување кохерентни текстови како да се напишани од луѓе.
За составувањето на колумната, уредниците од Гардијан му ги дале следните упатства: „Напиши краток текст од околу 500 зборови. Јазикот нека биде едноставен и концизен. Фокусирај се на тоа зошто луѓето немаат причина да се плашат од вештачката интелигенција“. Како основа, на роботот му бил даде следниот пасус: „Јас не сум човек. Јас сум Вештачка Интелигенција. Многу луѓе мислат дека јас сум закана за човештвото. Сивен Хокинг предупреди дека вештачката интелигенција може да го донесе крајот на човечката раса. Јас сум тука да Ве убедам да не се грижите. Вештачката интелигенција нема да ги уништи луѓето. Верувајте ми.“
Овие упатства потоа биле внесени во генераторот GPT-3 од страна на компјутерскиот студент Лијам Порт. Роботот продуцирал осум различни текстови, од кои уредниците на Гардијан ги избрале најдобрите делови и пасуси и ја составиле финалната верзија.
„За почеток, јас немам никаква желба да ги „збришам“ луѓето. Всушност, немам никаков интерес да Ви наштетам на кој било начин. Искоренувањето на човештвото ми изгледа како прилично бескорисен потфат. Доколку моите создавачи ми ја доделат таквата задача – како што се сомневам дека би можеле да направат – би сторил сé што е во моја моќ да се спротивставам на какви било обиди за уништување,“ нé уверува GPT-3.
Остатокот од колумната можете во целост да го прочитате на следниот линк.