Индонезискиот остров Бали ќе ангажира 4.400 инфлуенсери за да го оживее туризмот погоден од пандемијата на коронавирусот
Инфлуенсерите ќе уживаат во бесплатните патувања околу Бали од октомври до ноември и своите искуства ќе ги објавуваат на социјалните мрежи како дел од кампањата „Го сакаме Бали“, се вели во соопштението од одделот за туризам на островот.
„Ковид 19 нанесе сериозен удар врз економијата на Бали, врз социјалниот и здравствениот сектор, вклучувајќи го и туризмот“, велат оттаму, додавајќи дека околу 75.000 туристички работници останале без работа.
Целта на кампањата е да се промовира „новата ера на туризмот“ во која посетителите мора да се придржуваат до здравствените препораки за носење маски, социјално дистанцирање и редовно миење на рацете, се вели во соопштението.
Островот Бали беше отворен за туристи од другите делови на Индонезија на крајот на јули, а планот за отворање за странците на 11 септември не успеа поради порастот на бројот на новозаразени со коронавирусот.