Во вторникот вечерта се одржа првата дебата помеѓу кандидатите за претседател на Соединетите Американски Држави, актуелниот претседател Доналд Трамп од Републиканците и поранешниот потпретседател Џо Бајден од кај Демократите.
Иако првичните претпоставки беа дека дебатата ќе привлече преку 100 милиони гледачи, бројките на Nielsen покажуваат дека дебатата ја гледале вкупно 73.1 милиони луѓе, што претставува пад од 13% во однос на првата дебата од претседателскиот циклус во 2016 година помеѓу тогашните кандидати Хилари Клинтон и Доналд Трамп.
Сепак се работи за голема публика и трета најгледана дебата во историјата на САД, после претходноспоменатата од 2016 и онаа од 1980 на кандидатите Роналд Реган и Џими Картер, која привлекла 80.6 милиони гледачи.
Најмногу луѓе ја гледале дебатата на кабелскиот новински канал Fox News, вкупно 17.8 милиони луѓе, по што следи националната телевизија ABC со 12.6 милиони гледачи, па NBC со 9.7 милиони и CNN со 8.3 милиони гледачи.
Интересно за истакнување е дека според Fox News, дебатата во вторникот сепак била досега најгледаната претседателска дебата кога се во прашање кабелските телевизии и втор најгледан настан на кабелските телевизии воопшто, по Републиканската внатрепартиска дебата во 2015 година (на која учествуваше и актуелниот претседател и кандидат за реизбор Трамп) која привлекла 24 милиони гледачи.