Регулаторите на Европската Унија составуваат листа од 20-тина големи интернет компании, веројатно вклучувајќи ги Фејсбук, Епл, Амазон и Алфабет, кои ќе се најдат пред нови и построги правила насочени кон ограничување на нивната моќ на пазарот, објави Фајненшл тајмс на својата веб-страница.
Големите технолошки платформи ќе мора да се придржуваат кон построги прописи од нивните помали конкуренти, пренесува весникот, повикувајќи се на информирани извори.
Според новите правила, компаниите ќе мораат да споделуваат податоци со конкурентските компании и да бидат потранспарентни при собирање на информации.
Листата на компании ќе се состави врз основа на параметри, како што се уделот на пазарот и бројот на корисници, објави весникот, додавајќи дека точниот број на компании и прецизни критериуми за листата сè уште се разгледуваат.