Владата на малата пацифичка држава на Соломоновите острови отпочнува процес за забранување на социјалната мрежа Фејсбук, со цел ограничување на „навредливиот јазик, клеветата и оцрнувањето“. Според критичарите, тоа е обид за рестрикција на слободата на говорот и критиките насочени кон власта, пренесува британски Гардијан.
Предлогот бил поднесен од премиерот Манасе Согаваре и министерот за комуникации Петер Оговака, меѓутоа сé уште не е јасно како забраната би била имплементирана и дали таа ќе биде трајна или привремена.
Фејсбук претставува примарен метод на секојдневна комуникација помеѓу жителите на островската држава, а самата власт го користи за соопштување на информации и одржување на прес-конференции во живо.
Меѓутоа, министерот Аговака во изјава дадена за локалните медиуми истакнува дека навредливиот јазик кон владините претставници е сериозно прашање и дека употребата на интернетот на Соломоновите острови треба да биде правилно регулирана со цел заштита на младите луѓе и децата од штетни содржини.
Доколку забраната биде спороведена, Соломоновите острови ќе им се приклучат на Кина, Северна Кореја и Иран, како држави кои го имаат забрането Фејсбук. Во 2015 година, една друга пацифичка островска држава, Науру, воведе забрана кон социјалната мрежа, која потоа беше тргната во 2018 година.
Според одредени мислење, ваквиот чекор на Соломоновите држави е поттикнат од големото кинеско влијание во државата, кое минатата година резултирало и со повлекување на дипломатското признавање на Тајван.