Пред нешто повеќе од два месеци, брендот за брза храна Burger King ги претстави своите редизајнирани ресторани за пост-корона светот кои планира да започне да ги гради веќе од следната година. Сега, истото го направи и конкурентот KFC, кој претстави два можни дизајни на идни ресторани за светот после пандемијата.
Очекувано, двата нови дизајни повеќе се фокусираат на простор за драјв-тру и помалку простор за директен човечки контакт. Од компанијата посочуваат дека новите ресторани се обмислени со поголем акцент на подигнувањето достави, отколку јадење во самите ресторани. Меѓутоа, едната од опциите ќе вклучува и простор за седење надвор, наречен “Colonel’s Porch” („Тремот на полковникот“).
Двете понудени решенија вклучуваат и надворешен електронски систем за претходна нарачка на оброците. Новите ресторани ќе имаат и „посветол“ брендинг во кој се нагласени црвените и бели линии на KFC.
Компанијата планира да започне со изградба на новите ресторани од следната година, и тоа на неколку локации во САД, вклучувајќи ги сојузните држави Флорида, Индијана и секако – Кентаки.