Единствените глобални креативни награди во кои главниот збор го имаат медиумите и новинарите, Epica Awards, го објавија својот прелиминарен избор (shortlist) на кампањи за 2020 година. Организацијата им се заблагодарува на сите агенции, продукциски компании, креативни таленти и клиенти кои ги поддржаа наградите во текот на оваа тешка година. Жирито на новинари ги прегледа и оцени сите пријавени кампањи преку онлајн платформа за гласање.
Целосната листа на кампањи од првичниот избор може да се погледне на следниот линк. Овие финалисти ќе продолжат во следната рунда на гласање, која ќе се одржува онлајн од 2 до 8 декември. Златните и Гран При награди ќе бидат доделени на специјална онлајн церемонија која е закажана за 17 декември. Повеќе детали ќе следуваат наскоро.
Добитниците на сребрените и бронзени награди ќе бидат објавени јавно на веб-сајтот на Epica Awards во текот на следниот ден, 18 декември.
Оваа година за наградите на Epica се натпреваруваа 1980 кампањи од 59 држави – бројка пониска од претходните години, но поголема од очекуваната, со оглед на глобалните услови. Најмногу кампањи биле пријавени од Русија, по која следува Германија. Во однос на агенциски мрежи, Wunderman Thompson и BBDO беа особено добро претставени.
Од Epica Awards им честитаат на сите финалисти. Евентуалните победници, заедно со селекција од високооценети финалисти, ќе се најдат во годишната книга на Epica (Epica Book), која ќе биде публикувана во септември 2021.
Жирито на Epica Awards е составено од уредници и искусни новинари од светски водечките медиуми кои ја покриваат креативната индустрија и комуникациите. Тие беа дополнително потпомогнати од новинари од специјалистички области како пост-продукцијата, виртуелната реалност, дизајнот, луксузните производи и модата. Целосната листа на членови на жирито, меѓу кои е и Маркетинг365 како претставник од Македонија, може да се погледне на следниот линк.