Британскиот национален радио-телевизиски сервис BBC лансираше нова кампања во која го истакнува широкиот спектар на својата програма и канали, прилагодени за сечиј вкус.
Кампањата создадена in-house од страна на BBC Creative се фокусира на препознатливиот акроним на телевизијата (изведен од целосното име British Broadcasting Corporation), преработен да соодветствува на различните типови на програма, емисии и филмски остварувања кои ги нуди радио-телевизиската корпорација.
Имено, во кампањата среќаваме различни категории на програма именувани како “Bad Boy Charm”, “Barely Believable Cliffhangers”, “Backing Better Conservation”, “Brutal Battling Competitors”, “Beginning Brave Conversations”, “Brake Before Clutch”, “Ballsy Badass Characters” и слични, кои се проследени со сцени од соодветни емисии, серии и филмови, на крајот кулминирајќи во името на кампањата “Backing Brilliant Creativity” („Поддржувајќи брилијантна креативност“).
„Ова е приказ на опсегот и ширината на она што го сака нашата публика и што значи BBC за луѓето низ светот. Без разлика дали станува збор за драма, комедија, најнови вести – класични моменти, или свежи, нови емисии – за што и да се интересирате, постои BBC за сите нас,“ истакнува Керис Брајт, генерална директорка за потрошувачи во BBC, додавајќи дека: „Спотот ја отсликува различноста на нашата публика, нашиот талент и нашата програма и големата вредност што ја добива нашата публика од BBC“.