Американскиот бренд за брза храна Burger King го обнови својот визуелен идентитет, претставувајќи го своето прво ребрендирање после две децении.
Брендот се реши за минималистичко лого инспирирано од ретро брендингот на Бургер Кинг од 1969 година и 1994 година. Новото дводимензионално лого го вклучува името на брендот во средина (како „плескавица“), испишано со мат црвена боја, поставено помеѓу две мат жолти „лепчиња“. Од новото лого е отфрлено синото заокружување кое беше досега присутно во брендингот на компанијата.
Од Бургер Кинг истакнуваат дека новиот идентитет тежнее да ја претстави визијата на брендот за „вистинска, едноставна и вкусна“ селекција, без вештачки адитиви. Едноставноста истовремено ќе понуди и визуелна кохезија при огласувањето на дигиталните платформи.
„Новото минималистичко лого беспрекорно одговара на еволуцијата на брендот низ времето и оддава почит на наследството на брендот преку префинет дизајн кој е самоуверен, едноставен и забавен“, додаваат од компанијата.
Редизајнот вклучува нова палета на бои и нов фонт, соодветно именуван “Flame” („Пламен“), како рефлексија на „заокружените, смели и вкусни“ производи.
Креативната агенција која стои позади ребрендирањето е Jones Knowles Ritchie. Нивниот претставник Рафаел Абро посочува дека: “Дизајнот е една од најесенцијалните алатки при комуницирањето на тоа кои сме и кои се нашите вредности, истовремено играјќи витална улога во поттикнувањето на желбата за нашата храна, максимизирајќи го искуството на гостите. Сакавме да направиме дизајн кој ќе ги натера луѓето да копнеат по нашата храна, нејзината скараџиска перфекција и пред сé, нејзиниот вкус.”
Новиот бренд идентитет на Бургер Кинг ќе се најде на нивните пакувања, ресторани и менија, работнички униформи и онлајн маркетинг средства. Трансформацијата почнува уште веднаш, а се очекува да трае во следните неколку години за целосна имплементација на сите пазари и локации низ светот.