Шведскиот бренд за мебел IKEA соопшти дека планира да започне со продажба на резервни делови за своите производи, односно предмети како ногалки, навлаки и наслонувачи, покрај стандардните навртки и завртки кои моментално ги нуди бесплатно.
Со оваа иницијатива, компанијата има за цел да се спротивстави на идејата дека нејзините производи се лесни за отфрлање, односно да ги охрабри потрошувачите да ги користат подолго време.
Засега нема точен датум од кога IKEA би почнала со продавањето на резервни делови за мебел, со оглед на тоа што компанијата сé уште тестира различни производи, објаснува генералната директорка за одржливост, Лена Прип-Ковац.
Таа додава дека ваквиот потег ќе има „лимитиран“ ефект врз продажбата на нов мебел и дека идејата за продажба на резерви делови ќе ги направи производите на IKEA да бидат подостапни за јавноста.
Иницијативата е дел од актуелната стратегија на компанијата да стане „поциркуларна“, односно да промовира употреба на рециклирани материјали, ре-употреба на стари производи и редукција на штетни емисии при производството.
IKEA се надева дака ќе се трансформира во потполно циркуларна и климатски позитивна компанија до 2030 година.