Откако Брус Спрингстин ја изненади јавноста снимајќи за прв пат реклама за автомобили, во средата неговиот спот за Jeep е ставен „во мирување“ по откритието дека музичарот бил уапсен во ноември за возење во пијана состојба.
Музичарот беше приведен на 14 ноември и доби три пријави: за возење во пијана состојба, опасно возење и консумирање алкохол на место каде што е забрането.
Спрингстин (71) беше кооперативен за време на апсењето, додаде портпаролката на паркот Сенди Хук во Њу Џерси.
Инаку, музичарот не е склон да снима реклами и тимот уште повеќе ја изненади јавноста кога во неделата за време на Супербол, за прв пат беше прикажан спотот на производителот на автомобили Jeep.
Во видеото, пејачот ги преминува огромните пространства на американскиот среден запад и им порачува на Американците да „гледаат надеж на патот“ и ги повикува да ги надминат меѓусебните поделби.
По објавата дека Спрингстин е уапсен за возење во пијана состојба, Jeep ја повлече рекламата.
„Би било несоодветно да се коментира аферата за која неодамна дознавме“, изјави за CNBC портпарол на групацијата.
„Но, сметаме дека е правилно да престанеме да го емитуваме додека не ги дознаеме сите факти“, додаде таа.