Двојно повеќе пари ќе имаат на располагање филмските продуценти за реализација на своите проекти в година. Досега можеа да добијат максимално 500.000 евра а одсега таа сума се дуплира.
За еден милион евра ќе можат да аплицираат на конкурсот што е распишан деновиве, а ќе биде отворен до 1 септември. Филмаџиите за дебитантски долгометражен игран филм од 2015 година ќе добиваат 25 милиони денари за разлика од сумата од 12 милиони денари што ја добиваа до сега.
Една од поважните измени откако годинава е востановена Агенцијата за филм е начинот на кој ќе се избираат најдобрите филмски предлози. Имено, со цел да се избегне субјективниот момент на членовите на комисијата што ги разгледува проектите, ќе се врши евалуација на претходно сработените филмски проекти. Продуцентот и режисерот што подготвуваат филм ќе мора достават формулар за успехот на последниот филм, гледаноста, учеството на меѓународни фестивали, евентуални награди.
Вреднување на продуцентите и режисерите
– Намерата е оценувањето да биде поегзактно, колку што уметноста тоа го дозволува, но реално некои работи навистина се мерливи. Евалуација ќе подразбира да се вреднува успехот на претходните проекти. Сценаријата ќе ги читаат стручни лица што воопшто не знаат еден за друг за да не си влијаат. Тие не се комисија и не гласаат, но кажуваат мислење. Внимаваме да нема конфликт на интереси. Ќе се оценува и квалитетот на сценариото, што иако е субјективна работа, повторно ќе има еден вид прашалник за тоа како е сработена приказната – вели директорот Дарко Башески.
Според него, и претходно продуцентите морале да реферираат со сработените проекти, но повеќе за да се подобрат базата на податоци за националната филмска продукција.
– Токму благодарение на конкурсите ги зголемивме податоците за филмовите и за филмските работници и денес имаме одлична архива што е достапна и на интернет-страницата на Агенцијата за филм – објаснува директорот Дарко Башески.
Продуцентите ќе имаат на располагање пет години за да го завршат филмот. Со тоа што за две години ќе треба да го затворат буџетот, а уште три за да го комплетираат и да стигнат до дистрибуција и премиера.
Едно од најгорливите прашања за продуцентите е новоста во која од нив се бара да обезбедат банкарска гаранција од 25 отсто на сумата што им е одобрена за проектите. Но, група продуценти во соработка со Агенцијата за филм се обидуваат да ја редефинираат таа законска определба за да не мораат да ги затвораат парите подолг временски период.
Недостигаат поведри теми и филмови за деца
Новиот конкурс не сугерира какви теми е пожелно да се третираат, но првиот човек на Агенцијата укажува дека некои жанрови или ги имаме малку или воопшто ги немаме.
– Ни недостигаат филмови за деца, се правеле многу малку и ретки исклучоци, комедии имаме малку (може две-три вкупно), да се размислува за теми од историјата што вредат да се раскажат, ама не зашто е историја, ами ако е некаква инспиративна приказна. Не само да се документираат сцени ами да се направи и интересна приказна. Пред неколку години, одговорната за поддршка на проекти за Источна Европа, Бригита Мартен, од фондот „Берлин Бранденбург“, беше во Скопје и дојде до заклучок дека не само Македонија туку и Балканот воопшто има најмногу 3Д-филмови (death, drugs, destructions) – смрт, дрога, уништување). Таа има прочитано многу сценарија и се жалеше дека Балканот тешко излегува од црнила и патетики, с` се врти околу криминалот, злото и сите сценарио колку да се различни, личат едни со други – објаснува Башески.
Во распишаниот конкурс стои дека приоритет при одлучувањето ќе имаат филмски проекти кои, освен уметничкиот, имаат и поширок комерцијален потенцијал, како и автентични филмски проекти од реномирани македонски автори, млади автори дебитанти и малцински копродукции, кои ќе придонесат за унапредување на македонската кинематографија.
Агенцијата ќе финансира најмногу до 70 отсто од вкупниот буџет на долгометражните филмови. За документарен не повеќе од 5 милиони денари, а за краток документарец, игран и анимиран до 3 милиони денари. Со 90 отсто од буџетот агенцијата ќе ги помага дебитантските филмови. По еден милион денари ќе добијат за документарен, краток игран и за анимиран филм.
Во конкурсот има и проекти од посебен интерес за Република Македонија, кои ќе бидат поддржани со средства најмногу до 90 отсто од вкупниот буџет. До 1 милион евра за долгометражен игран филм, за документарен до 10 милиони денари, а за краток до 4 милиони денари. Со буџетот за секој филм продуцентот треба да организира и маркетинг, промоција, дистрибуција и изработка на дивидија од филмовите.
Автор: Сребра Ѓорѓијевска / Дневник