Откако беше баниран од страна на социјалните мрежи Твитер и Фејсбук во јануари, поранешниот американски претседател Доналд Трамп веќе следниот месец го најавуваше отворањето на нова социјална мрежа која ќе биде „огромна“ и ќе привлече „десетици милиони“ корисници.
Потоа, на почетокот од мај, поранешниот претседател лансираше личен блог насловен “From The Desk of Donald J. Trump”, како отсек на официјалниот веб-сајт. Блогот имаше естетика на социјална мрежа, најмногу потсетувајќи на Твитер, но ја немаше таквата функционалност.
Посетителите немаа можност ниту да „лајкуваат“, нути да коментираат на објавите, туку само да ги споделуваат на вистинските социјални мрежи. Всушнот, се работеше за начин како Трамп да ја заобиколи својата забрана.
Меѓутоа, после само еден месец, блогот повеќе го нема. Според асистентот на Трамп, Џејсон Милер, блогот нема да се враќа на интернет просторот. Милер додава дека блогот бил „помошно средство“ кон „пошироките ефекти кои ги имаме зацртано и на кои работиме“.
Дали блогот беше најавуваната „голема социјална мрежа“, па заврши како тотален неуспех, или пак таа допрва треба да дојде, а блогот навистина беше само некаква проба – останува да видиме.