Гигантски дијамант од 101.38 карати, означен како “The Key 10138”, беше продаден минатата недела на неидентификуван купувач во Хонг Конг. Она што е исклучително за овој дијамант, покрај неговата големина, е тоа што беше купен со криптовалути.
Дијамантот беше продаден од страна на компанијата за трговија со дијаманти Diacore, преку аукција на Sotheby’s, за цена од 12.3 милиони долари во криптовалутна противвредност.
Аукцијата била отворена за легални валути и криптовалутите Биткоин и Етериум, но не беше откриено со каква криптовалута бил евентуално купен дијамантот.
Скапоцениот камен претставува вториот најголем „крушковиден“ дијамант кој компанијата Diacore го има продадено јавно. Дијамантот е класифициран како тип IIa, односно не содржи нечистотии од елементите азот или бор, што го става во категоријата на ретки дијаманти.
Достигнатата цена е во согласност со очекувањата на аукциската куќа Sotheby’s, која неговата вредност ја проценила помеѓу 10 и 15 милиони долари.