Премиерот на Австралија, Скот Морисон, на прес-конференција ги објави плановите на австралиската влада за носење на закон со кој социјалните мрежи ќе бидат обврзани на властите да им го откријат вистинскиот идентитет на кориснците кои „објавуваат клеветнички коментари или малтретираат друг корисник“.
„Онлајн светот не треба да биде ‘Дивиот Запад’ каде ботовите и троловите анонимно одат наоколу и им наштетуваат на луѓето. Тоа не е нешто што може да се случи во реалниот свет и не постои причина зошто да може да се случува во дигиталниот свет“ – посочи премиерот Морисон.
Доколку законот биде донесен, корисниците кои се цел на онлајн насилство ќе можат да поднесат приговор преку нов систем, а социјалната мрежа ќе биде обврзана да ги отстрани навредливите објави. Доколку платформата одбие да ги избрише, судскиот систем ќе има моќ да ги натера да им предадат детали за корисникот кој ги направил објавите.
Ова е следниот чекор во напорите на земјата интернетот да го направат „побезбедно место“ за своите корисници. Претходно, Австралија одлучи дека издавачите т.е. медиумите се одговорни за коментарите објавени на нивните страници, дури и за оние навредливите.
Иако е замислена како „заштитна мерка“, предложениот закон си носи и свои ризици и прашања: дали ќе може да се злоупотребува за цензура на слободниот говор и реваншизам врз корисниците кои се спротивставуваат на државните авторитети.
Исто така се поставува и прашањето за арбитрарноста во носењето на одлуките и начинот на кој ќе се мери колку е некој коментар „лош“ или „навредлив“.