Софтверскиот гигант Adobe извести дека почнувајќи од март 2022 година, библиотеката на бои на PANTONE која е достапна во креативните програми Adobe Photoshop, Illustrator, InDesign, Adobe Color и Adobe Capture ќе биде отстранета со идни софтверски ажурирања.
Од Adobe охрабруваат дека „алтернативно решение“ е веќе на пат за да го „минимизира влијанието на ваквата промена“.
Покрај шпекулациите дека одлуката била мотивирана поради „големо комерцијално несогласување“ околу цената за лиценцирање, од PANTONE инсистираат дека немало конфликт на интереси помеѓу двете страни, се посочува во магазинот Printweek.
Според Марси Фостер, директор за бренд менаџмент и маркетинг комуникации во PANTONE, двете компании „биле и ќе останат трајни партнери“. Причина за остранувањето на библиотеката со бои, според Фостер, е „застарената имплементација“ на библиотеката на PANTONE во апликациите на Adobe, поради што недостасувале многу нови бои.
„Со цел да се обезбеди најдобро корисничко искуство за нашите корисници, компаниите заедно одлучија да ги отстранат застарените библиотеки и да продолжат да соработуваат за подобро искуство во апликацијата“, заклучи Фостер.
PANTONE веќе се во потрага по нови партнерства со други компании фокусирани на дигиталниот дизајн, со цел да овозможи лесен и навремено ажуриран пристап до нивната библиотеката на бои.