Францускиот автомобилски бренд Citroen мораше да ја повлече својата најнова реклама за египетскиот пазар по острите критики на јавноста за промовирање на сексуалното вознемирување.
Во рекламата, чија главна улога ја толкува египетскиот поп-пејач Амр Дијаб, гледаме како тој од внатрешноста на својот автомобил неовластено фотографира жена која преминува улица, со која пак подоцна тој заедно се вози.
Рекламата веднаш се најде на удар на египетските корисници на социјалните мрежи, нарекувајќи ја „морничава“ и „поразувачка“.
Компанијата потоа ја повлече рекламата и соопшти дека „не толерира било каков облик на вознемирување“, извинувајќи ѝ се на јавноста.
Египетската подружница на Citroen во коментар на Instagram предупреди дека мажите кои ја гледаат рекламата може погрешно да сфатат дека неовластеното фотографирање на жена може да доведе до средба со неа, додека во реалноста за тоа би можеле да одат во затвор.