Светскиот истражувачки центар за адвертајзинг (WARC) ги додели своите награди за медиска ефективност за 2021 година, кои им оддаваат признание на најдобрите комуникациски кампањи кои со медиска ефективност имале позитивно влијание врз деловните резултати на клиентите.
Наградени се 56 кампањи од различни пазари и категории на производи од глобални брендови како Adidas, Allianz, Budweiser, Finish, L’Oréal, McDonald’s, Nespresso и TikTok, но и локални брендови како Canadian Tire од Канада, Change The Ref од САД, Claro од Чиле, NHS од Англија, Omroep Zwart од Холандија, Yili од Кина и други.
Четирите жири комисии соствени од експерти од страна на агенциите и клиентите ги вреднуваа стратегиите и анализите кои довеле до ефективни медиски инвестиции, доделувајќи четири Grand Prix награди, 10 златни награди, 17 сребрени, 25 бронзени и 12 специјални награди кои им оддаваат признание на специфични области на извонредност.
Најмногу награди, осум на број, отидоа во Обединетото Кралство, а по четири во Кина, Германија, САД и Виетнам. Канадските агенции освоија три награди, додека пак оние од Индија, Малезија и Нов Зеланд по две награди. По една награда им припадна на Чиле, Египет, Израел, Либан, Холандија, Филипини, Порто Рико, Шри Ланка, Турција и Обединетите Арапски Емирати. Исто така беа наградени и четири глобални кампањи, а десет награди беа доделени за регионални кампањи во Азија, Европа, Скандинавија, Блискиот Исток и Северна Африка и Северна Америка.
Главната Grand Prix награда во категоријата „Ефективна интеграција на канали“ беше доделена на агенцијата PHD Canada за кампањата “Vacation Intervention” за клиентот Air Transat. Кампањата успеа да убеди 75.000 работници да не ги изгубат своите неискористени денови за одмор, при што скоро половина од резервазиите биле направени од нови клиенти.
Целосната листа на наградени во категоријата „Ефективна интеграција на канали“ е достапна на следниот линк.
Во категоријата „Ефективна употреба на технологијата“, главната Grand Prix награда отиде кај француската организација за социјална помош L’Enfant Bleu за кампањата “Undercover Avatar”. Таа се состоеше во креацијата на доверлив аватар во видео игра на кој децата можеа да му откриваат случаи на злоставување. Кампањата генерираше 700 милиони медиски импресии, а француските власти веќе работаат на нови решенија како да ги претворат видео игрите во начин за идентификација на детска злоупотреба.
Сите победници во категоријата „Ефективна употреба на технологијата“ може да се погледнат на овој линк.
Агенциите McCann Paris и FP7 McCann Dubai ја освоија Grand Prix наградата во категоријата „Ефективна употреба на партнерства и спонзорства“, за кампањата “The Bread Exam” за Либанската фондација за рак на дојка. Кампањата се состоеше во едукативно видео кое употреби алегорија на месење леб за тоа како жените може да се проверат за рак на дојка. Кампањата имала досег до 112 милиони луѓе и во текот на девет месеци ја подигна јавната свесност за 83% и прегледи за 41%.
Листата на победници во категоријата „Ефективна употреба на партнерства и спонзорства“ може да се погледне на следниот линк.
Главната Grand Prix награда во категоријата „Најдобра употреба на податоци“ му припадна на агенцијата FCB New Zealand за кампањата “Personalising Danger” за организацијата Water Safety New Zealand. Преку комбинирањето на историски, сегашни и идни податоци, тие создадоа предвидувачки модел за намалување на смртноста на младите мажи од давење. Кампањата достигна 95% од својата целна група и постигна нула смртни случаи.
Сите добитници на награди во категоријата „Најдобра употреба на податоци“ може да се видат на овој линк.
Повеќе информации за наградите за медиска ефикасност на WARC се достапни тука.