Минатото лето, Претставничкиот дом на американската сојузна држава Мичиген го прогласи септември за „Месец на македонско-американското наследство“ во таа држава. Веќе во октомври, четворица претставници во федералниот Претставнички дом на САД поднесоа резолуција и отпочнаа постапка за прогласување на следниот септември за „Месец на македонско-американското наследство“ на територијата на целата нација.
Резолуцијата под број 741 беше поднесена на 22 октомври 2021 од страна на конгресменот Брендан Бојл од Пенсилванија (демократ), со поддршка на Деби Дингел од Мичиген (демократка), Лиса МекКлејн од Мичиген (републиканка) и Клаудија Тениј од Њујорк (републиканка). Резолуцијата потоа ја поддржа и Бил Паскрел од Њу Џерси (демократ).
Резолуцијата „изразува поддршка за определување на месецот Септември 2022 како „Месец на македонско-американското наследство“ и славење на македонскиот јазик, историјата и културата на Македонските Американци и нивниот неверојатен придонес кон Соединетите Држави“. Изборот на месецот сепрември се заснова на Денот на независноста на Македонија – 8 септември.
Во документот понатаму се образложуваат причините за ваквата иницијатива, посочувајќи на извонредни личности од македонско потекло кои имале исклучително влијание во американското општество. Меѓу нив има бизнисмени, политичари, културни дејци, спортисти – луѓе од сите сфери на животот.
Од нив се истакнува името на милијардерот Мајк Илич, основач на познатиот пица-бренд Little Caesars Pizza и сопственик на спортските тимови “Detroit Red Wings” и “Detroit Tigers”. По неговата смрт во 2017, тука е неговиот син и наследник Христофер Илич, сегашен генерален директор на “Ilitch Holdings”.
Во документот се наведени и други интересни личности за кои можеби не сте знаеле, како авторот Стојан Христов, кој ја напишал книгата „Ова е мојата земја“ – една од омилените на претседателот Френклин Рузвелт. Христов своевремено бил претставник и сенатор од сојузната држава Вермонт.
Всушност, според резолуцијата, постојат докази за најрано македонско присуство на сегашната територија на САД уште во 1492 година – кога Кристофер Колумбо стигна до американското копно.
Па така, доколку сакате да го прочитате целиот документ, тоа можете да го сторите на следниот линк.
Постапката за разгледување на резолуцијата сé уште трае, па со возбуда чекаме кога ќе дојде на ред нејзиното гласање во Претставничкиот дом на САД.
Доколку резолуцијата биде изгласана, таа предвидува дека „Претставничкиот дом ќе го повика народот на Соединетите Држави да го одбележат месецот на македонско-американското наследство со соодветни програми и активности кои го слават придонесот на Македонските Американци во Соединетите Држави“.