Брендот за спортска опрема Adidas склучи партнерство со брендот бонбони M&M’s за лансирањето на специјален модел шарени патики кои сигурно би го предизвикале вниманието на љубителите на слатки.
Се работи за патики базирани врз формата на моделот Forum Low 84, украсени во духот на M&M’s. Однадвор се обложени со жолта гумено-кожна обвивка, додека пак препознатливите три линии на Adidas се присутни во кафеава чоколадна боја. Над линиите се наоѓа лепенка со логото на M&M’s, кое може да се одвојува по желба, додека пак монограмот “M” во перфорирана варијанта се наоѓа на горниот дел кај прстите.
За оние кои инсистираат дека секоја различно-обоена бонбона од M&M’s има различен вкус, своите преференци ќе можат да ги изразат преку лепенки т.е. „дугмиња“ во различни бои кои ќе можат да се додаваат странично на патиките. Исто така, во пакетот со обувките ќе доаѓаат и врвци во шест различни бои: жолта, црвена, портокалова, сина, зелена и кафеава, за дополнителна персонализација на патиките.
Новите обувки на Adidas и M&M’s ќе можат да се купат преку апликацијата Adidas CONFIRMED, почнувајќи од 19 април, по цена од 150 долари.