Бордот на директори на агенциската групација M&C Saatchi во драматичен пресврт ја промени одлуката за поддршка на понудата од британската холдинг компанија Next Fifteen Communications за преземање на агенцијата.
На 20 мај, бордот на M&C Saatchi официјално им препорача на акционерите на агенциската групација да го прифатат договорот за аквизиција од Next Fifteen. На таквата одлука му претходеше долготрајната битка од шест месеци помеѓу технолошкиот претприемач Вин Мурија и Next Fifteen Communicationsза купување на агенцијата. Тогаш, бордот на M&C Saatchi ја одби понудата на Мурија и ја прифати онаа на NFC.
Но, сега, во соопштение објавено на 17 јуни, бордот на директори на M&C Saatchi посочи дека „повеќе не ги сметаат условите на понудата на Next Fifteen за фер и разумни единствено врз основа на влошувањето на пазарната вредност на Next Fifteen“.
Оригиналната понуда на Next Fifteen, комбинација од готовина и акции во NFC по спојувањето на компаниите, ги вреднуваше акциите на M&C Saatchi по цена од 247,2 британски пенија по акција. Но, во меѓувреме, вредноста на акциите на самата Next Fifteen значително падна, што значи дека условите на договорот сега ја ценат секоја акција на 189 британски пенија.
И покрај протестите на Мурија, која минатата недела истакна дека нејзината сопствена понуда за M&C Saatchi ги цени акциите по повисока цена од онаа на NFC, холдинг-компанијата одби да ја ревидира својата првична понуда. „Согласно тоа, директорите на M&C Saatchi едногласно препорачуваат акционерите на M&C Saatchi да не гласаат во прилог на шемата на судскиот состанок на M&C Saatchi, ниту пак за специјалната резолуција што ќе биде предложена на генералниот состанок на M&C Saatchi“, се вели во соопштението на бордот на M&C Saatchi.
Сепак, промената во одлуката не значи дека M&C Saatchi сега одеднаш е подготвена да јс прифати понудата на Мурија. Директорите изјавија дека имаат намера целосно да ја отфрлат најновата, конечна понуда од Мурија и нејзиниот поддржувач AdvancedAdv Ltd.
Соопштението на бордот на директори сугерира дека тие сепак претпочитаат за договор со NFC, доколку може да се подобрат условите.
„Врз основа само на финансиски услови, директорите на M&C Saatchi сметаат дека секоја од понудите на ADV и Next Fifteen се инфериорни во однос на самостојните изгледи на M&C Saatchi. Меѓутоа, ако тие самостојни изгледи не може да се испорачаат како што е предвидено, тогаш директорите на M&C Saatchi сметаат дека понудата на Next Fifteen е супериорна во однос на понудата ADV, со што Next Fifteen е претпочитан иден сопственик на M&C Saatchi поради причини кои вклучуваат стратешки, комерцијални, работнички и културни предности, кои директорите на M&C Saatchi сметаат дека Next Fifteen може да му ги понудат на бизнисот на M&C Saatchi“.
Бордот на NFC одговори со соопштение, велејќи дека се „разочарани од оваа одлука, но ја поздравуваат континуираната силна поддршка на директорите на M&C Saatchi и извршниот комитет на M&C Saatchi за стратешките, комерцијални, работнички и културни вредности на понудата на Next Fifteen“.
Останува да видиме дали и како ќе се реши целата ситуација.