Британската адвертајзинг агенција M&C Saatchi останува независна откако собранието на акционери гласаше против договорот за аквизиција на агенцијата од страна на холдинг-компанијата Next Fifteen Communications (Next 15), ставајќи крај на повеќемесечната драма.
Предлогот од Next 15 за стекнување на M&C Saatchi, една од најголемите независни агенциски групи во светот, пропадна откако над 89% од акционерите на агенцијата гласаа против резолуцијата за одобрување на купопродажниот договор. Со тоа, понудата за купување на агенцијата и формално пропадна, а M&C Saatchi повеќе не е законски во „период на понуда“.
Next 15 во мај понуди да ја купи M&C Saatchi по цена од 390 милиони долари. Меѓутоа, веќе следниот месец, вредноста на акциите на Next 15 значително падна, намалувајќи ја и понудата за купување на M&C Saatchi. Како резултат на новонастанатата ситуација, бордот на директори на M&C Saatchi реши да ја промени одлуката за поддршка на понудениот купопродажен договор, по што сé се врати на преговарачката маса. За работите да бидат уште посложени, кон борбата за целосно купување на M&C Saatchi тогаш се вклучи и британската бизнисменка Вин Мурија со својата компанија Advanced AdvT (ADV).
„Директорите на M&C Saatchi веруваат во силните, самостојни идни перспективи на M&C Saatchi. По пропаѓањето на понудата Next 15 и понудата на ADV, директорите на M&C Saatchi со нетрпение очекуваат да ја продолжат имплементацијата на стратегијата на M&C Saatchi како независен бизнис, вклучувајќи: инвестирање во бизниси со висока маржа, подобрување на маржите, дополнително поедноставување на групата, имплементација на технолошки платформи, размерување на податоците и аналитичките способности и намалување на трошоците“ – стои во соопштението на M&C Saatchi по конечната одлука.
Агенцијата M&C Saatchi е основана од Морис и Чарлс Сачи во 1995 година по нивното заминување од Saatchi & Saatchi. Денес, M&C Saatchi претставува една од најголемите независни адвертајзинг агенции во светот, со околу 3.000 вработени во 23 држави.