Уште во февруари за време на Super Bowl, софтверската компанија Salesforce го ангажираше актерот Метју Меконахи за да ја предводи нивната нова кампања “Team Earth” („Тим Земја“). Тогаш, компанијата ги повика луѓето попрво да се грижат за нашата планета пред да се обидат да отпатуваат на некоја друга.
Сега, актерот повторно се враќа во новото продолжение на кампањата, но овој пат со порака за одржливо менаџирање на компаниите, правично третирање на работниците и поголемо единство меѓу сите луѓе.
„Надежта и довербата се во недостиг. Како бизниси, можеме да обвинуваме и срамиме или можеме да направиме промена, можеме да направиме работата да работи за нашите заедници. Можеби, само можеби, да имаме малку повеќе единство. Ајде да имаме помалку откажувања и повеќе разговори“ – вели Меконахи во рекламата, додека води колона на луѓе кои маршираат низ улиците на некој град.
Спотот завршува со слоганот: “It’s not goodbye word, it’s hello team Earth” („Не станува збор за збогување со светот, туку поздравување на Тимот Земја“).
Рекламата е создадена со помош на продукциската куќа MJZ.