Американскиот сенатор Марко Рубио претстави заеднички предлог-закон поддржан од претставници на Републиканската и Демократската партија за забрана на популарната кинеска социјална мрежа ТикТок.
Овој потег става дополнителен притисок врз матичната кинеска компанија ByteDance поради загриженоста во САД дека ТикТок би можел да се користи од официјален Пекинг за цензура, но и за шпионирање на американските граѓани.
Предлог-законот предвидува забрана за какво било деловно работење во САД на социјалните мрежи кои се под политичко влијание на Кина или Русија.
„Она што ние би го забраниле е способноста на ТикТок да заработува пари во нашата држава. А, причината е затоа што ТикТок е во основа подружница во целосна сопственост на Комунистичката партија на Кина“ – изјави сенаторот Рубио од Републиканската партија.
Законскиот предлог беше паралелно поднесен и во американскиот Претставнички дом од страна на конгресмените Мајк Галагер од Републиканската партија и Раџа Кришнамурти од Демократската партија.
Минатата недела, пак, американскиот Сенат изгласа легислатива која ја забранува употребата на ТикТок на сите службени паметни телефони кои им припаѓаат на официјални претставници на американските власти.