Неодамна беше објавено дека брендот на чоколади Toblerone ќе го загуби статусот на „швајцарски бренд“, по одлуката на матичната компанија Mondalez да премести дел од неговото производство во Словачка.
Поради ваквата одлука, а во однос на строгите одредби на законот за национални брендови на Швајцарија, беше најавено дека Toblerone ќе го редизајнира своето пакување со цел тоа да не ги прекршува законските одредби и суштински – да биде „помалку швајцарско“.
Првото нешто што потрошувачите веднаш ќе го забележат е дека силуетата на иконичниот планински врв Матерхорн е сега многу постилизирана, одразувајќи некаква планина со обична триаголна форма.
Димензиите на планината ќе бидат намалени, а од досегашната странична позиција пред името на брендот, таа ќе биде преместена над него со централна позиција. На другата страна од пакувањето, планината ќе биде алтернирана со триаголниот пресек на чоколадото.
Мечката чија силуета се наоѓа вметната во внатрешноста на планината, како симбол на градот Берн каде што се наоѓа седиштето на Toblerone, сега исто така ќе биде постилизирана и уште потешка за распознавање.
Конечно, ознаката “of Switzerland” („од Швајцарија“) ќе биде заменета со новата фраза “established in Switzerland” („основано во Швајцарија“).
Редизајнот на пакувањето е осмислен од страна на агенцијата Bulletproof.