Брендот на кондиторски производи Toblerone ќе преместува дел од своето производство надвор од Швајцарија, поради што повеќе нема да може легално да ги користи швајцарските национални симболи на своето пакување.
Mondelez, матичната компанија на Toblerone, со седиште во САД, вели дека ќе го промени логото и пакувањето на триаголното чоколадо за да избегне судир со националниот „Закон за Швајцарство“, донесен во 2017 година – објави локалниот весник Argauer Zeitung.
Според овој закон, брендовите за храна можат да користат швајцарски симболи само доколку исполнуваат одредени стандарди за „швајцарство“. Имено, тие можат да се идентификуваат како „Швајцарски производи“ ако најмалку 80% од суровините на производот и 100% од млекото и млечните производи се со локално потекло. Исто така значителен дел од производствениот процес мора да се одвива во Швајцарија за брендовите можат да тврдат дека новниот производ е „швајцарски“.
Toblerone работи во швајцарскиот главен град Берн од своето основање во 1908 година, па затоа досега имаше право да ја употребува планината Матерхорн и нејзината силуета во своето брендирање. Меѓутоа, Mondelez минатата година објави дека ќе префрли дел од производството на Toblerone во словачкиот главен град Братислава, поради што брендот ќе биде правно обврзан да ја отстрани силуетата на швајцарската планина од своето пакување.
Во изјава за Aargauer Zeitung, претставник на Mondelez посочил дека Toblerone ќе примени неспецифична планинска графика која е истовремено „модернизирана и поедноставена“ за да укажува на триаголниот геометриски облик на производот. Не е јасно дали новата планина ќе ја задржи скриената фигура на мечка во логото, како индикација на грбот на градот Берн и неговиот прекар како „Град на мечките“.
Покрај измената на планината, брендот ќе мора да ја замени и досегашната ознака “of Switzerland” (од Швајцарија) со новата фраза “established in Switzerland” („основано во Швајцарија“).
Од Mondelez нагласуваат дека ќе продолжат да инвестираат во развој на фабриката во Берн, која е сместена во „татковината на Тоблероне“ и е составен дел од историјата на брендот. Од компанијата додаваат дека реорганизирањето на производствената линија и преместувањето на дел од неа во Словачка ќе ѝ помогне да „отклучи“ поголем капацитет за производство на „милиони“ повеќе чоколади во Берн.