На 13.05.2023 г., се одржа 17-иот годишен натпревар „Најдобар бизнис концепт 2023 – Натпревар за зелени иновации“, организиран во рамки на европскиот проект GREENOVET преку Центарот за извонредност во зелени иновации (ЦИЗИ) при Машинскиот факултет во Скопје.
Натпреварот наменет за гимназии и средни стручни училишта на територија на Република Северна Македонија е овозможен преку континуирана соработка на клучни партнери и поддржувачи: Македонија2025, Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ), Халкбанка, Сојузот на стопански комори на Македонија, Раде Кончар ТЕП, Македонската академија на науките и уметностите.
Главната цел на овој натпревар е да се поттикне претприемачкиот дух на младите, како и да им се овозможи контакт и вмрежување како со своите истомисленици, така и со институции кои понатаму можат да обезбедат дополнителна поддршка во развојот на нивните идеи.
За реализација на овој натпревар, беше објавен јавен повик на кој можеа да аплицираат сите училишта од земјата. Добиените апликации се разгледуваат од страна на стручна комисија составена од професионалци од наведените институции и организации. Најдобрите 16 тимови беа дел од големото финале на Машинскиот факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, кое вклучуваше учество од над 100 ученици и ментори од средните училиштата.
Концептот на натпреварот се одвиваше преку т.н. „битки“ на училиште против училиште согласно жрепката, преку елиминација во четири круга, а оценувањето на тимовите/презентациите се одвиваше на лице место од страна на тим од судии, составен од различни профили на професионалци, од институциите партнери на натпреварот.
Оваа година, првото место припадна на тимот “EkoLink – 3D Factory” од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, на второ место се најде тимот “MPS-free (Microplastic soil free)” од СОУ „Методи Митевски – Брицо” – Делчево, а третото место го делат “AgriCycle Solutions” од СОУ „Цар Самоил“ – Ресен и “MAD Lights” од СОУ „Јане Сандански“ – Струмица. Победниците ќе учествуваат на меѓународниот натпревар за зелени иновации кој ќе се одржи во септември 2023 во Скопје.
На крајот на натпреварот, првопласираните 4 тима добија парична награда од страна на Македонија2025 и Халкбанка АД Скопје, за продолжување и развој на својата идеја/проект. Наградниот фонд од Македонија2025, што е воедно главна награда на натпреварот, е обезбеден преку еден од членовите на Одборот на директори на Македонија2025, Крис Павловски – основач и главен извршен директор на “Rumble”. Наградата од Македонија 2025 е во вкупен износ од 5,000 канадски долари, а од Халкбанка 1,500 евра во денарска противвредност.
Дополнително, секоја година организаторите преку спонзори се трудат да обезбедат подароци и изненадувања за учесниците. Оваа година, на победничките тимови им беа доделени пакет производи од Јака Нова, поддржувач на Македонија2025. Натпреварот беше поддржан логистички преку проектите “GREENOVET” и “WBC-RRI.NET”.