Во петок, 15 септември, во Охрид ќе бидат претставени новите виртуелни реконструкции на античкиот театар во Охрид и базиликата Свети Еразмо, креирани во рамки на проектот „Дигитализација и промоција на културното наследство во Охрид“.
Настанот ќе се одржи во дворот на охридскиот музеј, односно популарната „Куќа на Робевци“, со почеток од 19:15 часот. Воведно предавање ќе одржи професорката д-р Мартина Блечиќ Кавур од Приморскиот универзитет во Копер, Словенија, која ќе зборува на тема „Археолошки локалитети, дигитални технологии и инклузија на наследството“.
Проектот „Дигитализација и промоција на културното наследство во Охрид“ се реализира од страна на Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина „Регионален Зелен Центар – Охрид“. Се спроведува во рамки на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLoad 2, која е финансирана од Европската унија, а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот е кофинансиран од Општина Охрид.