Таканаречените „грди Божиќни џемпери“ се уникатно парче облека кое мнозинството луѓе го носат само неколку дена во годината, па купувањето на нов џемпер секоја година е сосем непотребно. Имајќи го тоа предвид, ланецот на супермаркети Lidl неодамна излезе на британскиот пазар со идеја да изнајмува празнични џемпери.
Оние кои сакаат да се приклучат на празничните прослави, без да мораат да жртвуваат простор во плакарот и повеќе пари, можат да изнајмат брендиран Божиќен џемпер со логото на Lidl за само 2 фунти дневно.
Понудата ќе трае до 31 декември 2023 година, при што дел од приходите од иницијативата ќе бидат донирани на добротворната организација за деца NSPCC во Велика Британија. Секој Божиќен џемпер треба да се изнајми најмалку три дена.
Од Lidl велат дека услугата за изнајмување ќе ја направат „празничната мода“ да биде подостапна за сите, со голем избор на џемпери во светли бои и Божиќни дизајни од минатите и актуелните празнични колекции на брендот.
Според британскиот The Guardian, еколошката организација Hubbub известила дека само во 2019 година биле купени 12 милиони џемпери. Притоа, се верува дека британските домаќинства поседуваат дури 65 милиони вакви џемпери во своите плакари.