Почнувајќи од вчера, 1 јануари 2024 година, популарниот цртан лик Мики Маус на Волт Дизни влезе во „јавна сопственост“. Меѓутоа, мора да се нагласи дека јавната достапност на Мики Маус се однесува само на неговата првична верзија, присутна во анимираниот филм “Steamboat Willie” од 1928 година.
Оваа верзија на најпопуларниот цртан глушец во светот требало да влезе во „јавна сопственост“ уште во 1984 година, но под притисок на компанијата Disney, американските власти неколку пати го менувале законодавството. Според последната одлука од 1998 година, Disney добила право на интелтектуалната сопственост врз “Steamboat Willie” до 2024 година, односно 95 години од првото објавување на филмот.
Покрај првата верзија на Мики Маус, како и неговата партнерка Мини Маус, оваа година во јавна сопственост влегоа уште неколку познати дела: драмата „Питер Пан“ на Џејмс Метју Бери, новелата „Мистеријата на синиот воз“ од Агата Кристи, новелата „Орландо: Биографија“ на Вирџинија Волф, немиот филм „Циркус“ на Чарли Чаплин, како и ликот на Тигар од детската книга “Куќата на аголот Пу” со Вини Пу.
Следната 2025 година во „јавна сопственост“ треба да влезат Морнарот Попај, првите филмови на браќата Маркс, познатата слика на „луле што не е луле“ од Рене Магрит, како и првиот англиски превод на „Сѐ е тивко на Западниот Фронт“ од Ерих Мариа Ремарке.