Рекламите на брендовите за „брза мода“ наскоро би можеле да бидат забранети во Франција според новиот законски предлог насочен против негативниот еколошки импакт на оваа индустрија – пренесува Euronews.
Предлог-законот исто така предвидува воведување дополнителни такси за производството на евтина облека со цел да се компензира нејзиното влијание врз животната средина.
Предложената легислатива ќе биде разгледана и дискутирана од Комисијата за одржлив развој на 14 март, по што би можела да премине на гласање во францускиот Сенат.
Предлагач на законот е пратеничката Ен-Сесил Виоланд од партијата Хоризонти, инаку коалициски партнер на партијата Ренесанса на претседателот Емануел Макрон.
Предложената забрана за огласување на производи од „брзата мода“, вклучително и преку инфлуенсери на социјалните мрежи, како и воспоставувањето еколошки такси за облеката, доби јавна поддршка и од страна на министерот за еколошка транзиција, Кристоф Бечу.
„Ултра брзата мода е еколошка катастрофа: облеката е лошо изработена, широко се купува, ретко се носи и брзо се фрла“ – напиша министерот Бечу на Твитер по дебатата одржана со засегнатите страни во индустријата.