Трикратната добитничка на наградата Emmy за работа на култната серија „Симпсонови“, Бони Пјетила, ќе учествува на копродукцискиот панел на третиот New Europe Market којшто ќе се одржи во Дубровник од 9-ти до 11-ти јуни.
Мет Гроенинг е автор на генијалната серија за дисфункционалното семејство од американска провинција, а една од најважните личности на патот на „Симпсонови“ кон врвот е Бонита Бони Пјетила која првично ги одбрала гласовите јунаците од оваа серија. Од кастинг директорка Бони подоцна станува продуцентка на серијата. Нејзина специјалност е на „Симпсонови“ да им донесе гости до кои другите не можат да дојдат. Таа во серијата го донесе Џулијан Асанж во време кога престојуваше заточен на непозната локација.
– Кога сакаш некого да донесеш, прво се прашуваш кој ја познава таа личност. Џулијан Асанж е добар пример. Се запрашав кој го познава и ми текна, неговите адвокати. Читав текстови за нив и дознав кој го застапува. Тој процес не оди брзо, некогаш се потребни шест месеци за да се убеди некој, но никогаш не се откажувам, вели Бони.
Таа ја започнала својата кариера во музичката индустрија како концертна промоторка. Во еден момент била единствената жена лиценцирана како промотор на концерти во САД, но набргу се префрла на телевизијата.
– Се преселив во Лос Анџелес и сакав да работам во музичката индустрија. Но не можев да најдам работа, на жените тогаш им беше тешко. Морав некако поинаку да почнам да заработувам и така постанав агентка. Светот е луд и можете да добиете работа поради која и да е вештина што ја поседувате. Така беше со мене“, додава Бони.
Наскоро почнала да работи во „The Tracey Ullman Show“, каде „Симпсонови“ ја имале својата премиера.
NEM 2015 на едно место ќе ги собере еминентните професионалци и експерти кои ќе дадат подобар увид во медиумската индустрија и во новите трендови како и во иднината на тв содржините.