Американскиот издавач на стрипови DC Comics ги претстави новите логоа на своите најпознати јунаци – Бетмен, Супермен и Вондер Вуман, кои ќе почнат да се употребуваат со новиот стрип-серијал “Absolute DC”.
Првите броеви на новите стрип-серијали ќе се појават на киосците ширум САД во октомври и ноември оваа година, почнувајќи со Бетмен на 9 октомври, потоа Вондер Вуман на 23 октомври и конечно Супермен на 6 ноември.
Во новите стрипови, популарните суперхерои ќе бидат карактеризирани со поголема грубост, ригидност и осаменост, што ќе биде воочливо како во нивното однесување, така и во нивниот визуелен изглед, вклучувајќи ги костимите и логоата.
Најмногу реакции во јавноста предизвика новото лого на Бетмен, во форма на задебелен црн правоаголник на кој само благо се назначени лилјачки крилја, уши и опашка.
Во овој серијал, Бетмен повеќе нема да ги има своите милијарди долари, нема да има палата, ниту пак доверлив батлер. Наместо тоа, читателите ќе запознаат сиромашен херој кој се потпира на улично искуство, борбени вештини и самосоздаден оклопен костим за да го заштитува својот град.