Американскиот бренд за спортска опрема Nike најави голема промена во водството на компанијата, при што извршниот директор Џон Донахо треба да се повлече на 13 октомври 2024 година. По речиси пет години на чело на Nike, Донахо ќе го наследи долгогодишниот директор на компанијата, Елиот Хил, кој претходно се „пензионираше“ во 2020 година откако беше претседател на одделот за потрошувачи и пазарни операции. Враќањето на Хил претставува значаен момент за компанијата која се соочува со тековни предизвици во конкурентната спортска индустрија.
Донахо, кој ја презеде функцијата извршен директор во јануари 2020 година, го водеше Nike низ дигитална трансформација, фокусирајќи се на проширување на деловниот модел за директен пристап до потрошувачите (direct-to-consumer). Оваа промена, со фокус на е-трговијата, се покажа како клучна за време на пандемијата на Ковид-19, помагајќи ѝ на компанијата да се справи со предизвиците наметнати од тогашните пазарно-општествени услови и затворањето на физичките продавници.
Сепак, и покрај овие напори, Nike сè потешко се соочува со опаѓачкиот удел на пазарот, растечката конкуренција и прекините во синџирот на снабдување, што секако се одразува врз продажбата и цените на акциите. Неодамнешните пазарни услови ја принудија компанијата да ја ревидира својата прогноза за целата година, со очекуван пад на продажбата од 10% само во овој квартал – многу полошо отколку што предвидуваа аналитичарите.
Истовремено, компанијата се соочува и со внатрешни превирања. Контроверзната иницијатива за кратење на трошоците за речиси 2 милијарди долари доведе до повеќекратни кругови на отпуштања, опфаќајќи 2% од работната сила на компанијата. Иако беа наменети за рационализација на операциите, овие потези го намалија моралот на вработените и предизвикаа несигурност околу идните правци на развој. Акционерите, исто така, станаа сè понезадоволни од стратешката насока на компанијата, особено затоа што Nike се соочува со засилена конкуренција на пазарот.
Назначувањето на Елиот Хил сигнализира враќање на корените на Nike, со обновен фокус на спортот и иновациите на производите. Со повеќе од 30 години поминати во Nike, Хил е добро упатен во културата и работењето на брендот. Неговото враќање е прифатено како шанса за рефокусирање на компанијата кон нејзините темелни вредности и внесување на нова енергија во остварување на целите за зајакнато учество на глобалниот пазар. Хил ја изрази својата возбуда за новата улога, изјавувајќи: „Nike отсекогаш бил суштински дел од тоа што сум јас и подготвен сум да помогнам во водењето кон уште посветла иднина“.
Промената на лидерството доаѓа во критично време за Nike, кој ќе треба да воспостави рамнотежа помеѓу одржувањето чекор со дигиталните достигнувања и враќањето на изгубениот „теренски“ удел на клучните светски пазари.