Федералната трговска комисија на САД отпочна широка антимонополска истрага против технолошкиот гигант Мајкрософт, фокусирајќи се на нивниот бизнис за лиценцирање на софтвер и „клауд“ услуги – пренесува новинската агенција Ројтерс.
Извори за Њујорк Тајмс известиле дека агенцијата неодамна испратила официјално писмо до компанијата, барајќи опширни и детални информации за нејзините „клауд“ услуги, производи со вештачка интелигенција и производи поврзани со сајбер-безбедноста.
Комисијата наводно ќе се фокусира на обвинувањата дека софтверскиот гигант потенцијално ја злоупотребувал својата пазарна моќ со наметнување посебни казнени услови за клиентите кои сакаат да ги преместат своите податоци од „облакот“ на Мајкрософт на други конкурентни платформи.
Истрагата доаѓа во време кога претседателката на комисијата, Лина Кан, се очекува да биде сменета за помалку од два месеци, по завршувањето на мандатот на администрацијата на претседателот Џо Бајден и преземањето на власта од новата администрација предводена од новоизбраниот претседател Доналд Трамп. Дали истрагата против Мајкрософт ќе продолжи и по нејзината смена, останува да се види.
Инаку ова не е прв пат како технолошкиот гигант се соочува со антимонополски иницијативи на американските власти.
Во доцните 1990-ти имаше обид за поделба на компанијата поради нејзината доминација во сферата на оперативните системи и наводните активности да го спречи развојот на конкуренти интернет прелистувачи. Судот првично донесе одлука за поделба на компанијата, но потоа апелациониот суд ја поништи таквата одлука.