Градската и народната песна на Босна и Херцеговина позната како Севдалинка е впишана во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото.
По тој повод, Федералното министерство за култура и спорт на Босна и Херцеговина одржа прес-конференција на која беше истакнато дека процесот на запишување на севдалинките на Репрезентативната листа на УНЕСКО траела неколку години, но дека благодарение на исклучително посветената работа, и покрај бројните тешкотии, процесот завршил успешно.
„Денес е свечениот момент кога Федералното министерство, кое всушност и ја кандидираше севдалинката, има можност да каже дека процесот е завршен, на голема радост на сите жители, не само на Федерацијата Босна и Херцеговина, тука и на целата Босна и Херцеговина“ – изјави министерката за култура и спорт на БиХ, Сања Влаисављевиќ.
Помошната министерка Мирела Милиќевиќ Шечиќ, која со својот тим работеше на процесот на запишување на севдалинките на Репрезентативната листа на УНЕСКО, рече дека со овој чин, севдалинката станува „дел од културниот мозаик на светот, достоен претставник на културата на нашите народи и богатството на нематеријалното наследство на нашата земја“.
Таа потсети дека Босна и Херцеговина има неколку претставници на листата на УНЕСКО, вклучувајќи го Змијанскиот вез, Коњичкото дрворезбраство, берењето на тревата Ива на Озрен, обичајот на косење во Купрес и одгледувањето на коњи од расата Липицанер.
Стручна поддршка за подготовката на документот за номинација на севдалинската песна даде академската заедница, со учество на претставници на две високообразовни институции – Универзитетот во Сараево и Универзитетот во Мостар.
„Севдалинка не е само музички израз. Тоа е жива историја, песна што го носи гласот на народот, сведоштво за минатите времиња и чувствата што не обединуваат. На Универзитетот во Мостар, а особено на Катедрата за музика, длабоко сме свесни за моќта на севдалинката како културен феномен и за нејзината огромна важност во обликувањето на нашиот босанско-херцеговски идентитет“ – посочи Лидија Владиќ-Мандариќ, професорка на Универзитетот во Мостар.
Федералното министерство за култура и спорт смета дека ова меѓународно признание ќе поттикне понатамошна работа на промоција на севдалинката, како и проекти за зачувување на други бројни културни изрази кои се дел од културниот идентитет на луѓето во Босна и Херцеговина.