Брендот за брза храна McDonald’s одлучи директно да се испроба во сферата на ноќниот живот, претворајќи еден од своите ресторани во унгарскиот главен град Будимпешта во ноќен клуб за време на викендите.
Се работи за ресторанот на McDonald’s лоциран во внатрешноста на Западната железничка станица во Будимпешта („Nyugati pályaudvar“), кој секој петок и сабота навечер, од 22:00 до 4:00 часот, се претвора во ноќен клуб со диџеј сетови во живо, извонредни светлосни шоуа и бучна атмосфера.
Во овој ресторан/ноќен клуб можете да танцувате, да се дружите и истовремено да јадете хамбургери и поховани пилешки медаљони. Се разбира, за оние кои сакаат малку повеќе луксуз, менито нуди и ексклузивни гурмански производи, како на пример хамбургерот Goosey Gustav со намаз од фоа гра (црн дроб на патка или гуска).
Притоа, во локалот се наоѓа подвижна лента која доставува храна помеѓу кујната и терасата кои се наоѓаат на различни висински нивоа.
Првично планиран да трае до крајот на 2024 година, концептот се покажал толку популарен што McDonald’s одлучиле да го продолжат и во текот на оваа година. Локацијата брзо станала туристичка атракција што мора да се посети, привлекувајќи ги љубителите на брзата храна и клабирањето кои сакаат да ја искусат оваа уникатна фузија храна, музика и ноќен живот.