Вториот ден од Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера“ беше исполнет со креативност, искреност и блискост. Во прекрасниот простор на Сули ан, посетителите и учесниците имаа можност да учествуваат во илустраторски работилници, да цртаат, да раскажуваат свои приказни и да присуствуваат на промоција на сликовница од македонски автори.
Софија Семенпеева, графичарка и илустраторка, одржа работилници за илустрација, каде учесниците со огромен ентузијазам учеа што е квалитетна илустрација преку техниките кои им ги пренесе менторката.
Во попладневните часови беше промовирана новата сликовница „Сакам силно да ме гушнеш“ од авторката Катерина Димова, психолог и специјален едукатор, со илустрации од Анастасија Јованова. Станува збор за нежна, емотивна приказна која зборува за важноста на блискоста, емпатијата и прифаќањето на емоциите уште од најрана возраст. Промоцијата предизвика голем интерес, со оглед на тоа што станува збор за прва сликовница која го третира разводот како психолошка проблематика за децата.
„Оваа сликовница е родена од потребата да им дадеме на децата зборови за чувствата. Преку приказна и илустрација, сакаме да ги потсетиме дека нивните емоции се важни, легитимни и заслужуваат внимание“, изјави авторката Катерина Димова.
Илустраторката Анастасија Јованова додаде: „Цртајќи ја оваа сликовница, сакав секој лик да зборува без зборови – со поглед, со боја, со гест. Уметноста има моќ да ги отвори срцата на децата и да предизвика широк спектар на емоции.“
Фестивалот продолжува и во текот на денешниот ден со нови креативни активности, изложби и средби кои го слават детското читање, визуелната уметност и искрената комуникација меѓу генерациите.
Денеска на Литера гостува авторот од Естонија, Урмас Реинма, кој ќе ја претстави неговата сликовница „Каде го најде?“.
Повторно простор ќе добијат и домашните креативци преку промоцијата на сликовницата „Црното маче“ од авторката Неше Рамовиќ и илустраторката Наталија Лукомска, која е издадена од „Светулка“, а ќе ја промовира новинарката Сребра Ѓорѓијевска.
Партнер на фестивалот е Халбанк, а Литера е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.