Едноставноста и издржливоста на глуварчето е главниот симбол на новиот македонски бренд чија главна мисија е подигнување на свеста за користење природни и биоразградливи производи кои немаат негативно влијание врз здравјето на луѓето и врз животната средина.
Глуварче е идеја на неколку ентузијасти со порив да ја променат културата на секојдневно користење производи што имаат долготрајни штетни последици врз околината и човековото здравје. Нивниот фокус е организирање настани за поттикнување на еколошката свест, едукација, како и промоција на производи изработени од природни и еколошки материјали, кои по нивното користење може да се рециклираат наместо да завршат на депониите.
„Нашето секојдневие е исполнето со предмети што го олеснуваат животот, но најчесто тие се направени од пластика и вештачки материјали кои се штетни по здравјето на човекот и тешко разградливи, а со тоа опасни за природата. Глуварче нуди едноставно решение, кое не бара промена на животните навики, туку само на типот на производи кои ги користиме во домот. Нашите производи се создадени директно од природни материјали, биоразградливи се, и што е исто така важно, достапни за секого“, вели Александра Нациќ, основач на „Глуварче“.
Глуварче нуди онлајн продажба на производи за домот и за лична нега, изработени до природни материјали како бамбус, луфа, агаве, природни влакна, свила. Уникатен пример се сунѓерите за миење садови произведени од тропското растение луфа кои се соодветна замена за обичните сунѓери, најчесто произведени од нафтени деривати.
Глуварче во наредниот период планира да започне иницијативи за промоција на еколошки пракси во секојдневното живеење и градење баланс помеѓу придобивките на цивилизацијата и автентичната практичност на природата.